Работно Време : 08:00 до 17:00
  Контакт : (2)3091484

Онкологија и терапија на рак

Ракот е група на болести кои вклучуваат абнормален раст на клетките со потенцијал за инвазија и ширење на други делови од телото. Постојат над 100 видови на рак кој може да се јават кај луѓето. Нормалните клетки го контролираат производството на нивните сигнали за раст, одржувајќи хомеостаза на бројот на клетките и нормалната ткивна архитектура. Клетките на ракот го избегнуваат овој контролен систем и постојат 6 карактеристики кои ги опишуваат: одржување на постојани сигнали за пролиферација, избегнување на супресорите на раст, отпорност на клеточната смрт, овозможување на бесконечно делење, индуцирање на ангиогенеза и инвазија и метастазирање.

Наследен ризик за рак

Генерално, ракот не се смета за наследна болест, но сепак некои типови – воглавно рак на дојка, рак на јајници и рак на дебело црево знаат да бидат наследни. Познавањето на предиспозицијата на пациентот за развивање на некои типови на канцер може да биде многу корисно за правилен мониторинг на состојбата на пациентот и превентивни мерки коишто може да го спасат животот на пациентот.

  • Сеопфатно NGS секвенционирање на сите познати гени што водат до рак 

Рак и можности за терапија

Генетското тестирање на специфични мутации вклучени во развојот на различни типови на рак предизвика револуција на начинот на којшто ракот е дијагностициран и третиран. Како што навлегуваме во ерата на персонализирана медицина, секој пациент ќе биде во можност да добие индивидуализиран и прилагоден третман, како и индикација за клиничкиот исход и шансата за повторна појава на ракот. Персонализираната медицина на рак се употребува за да се проучи генетската конституција на ракот кај секој засебен пациент и со тоа да се открие како ракот расте. Користејќи ги овие податоци лекарите се надеваат дека ќе најдат нови или искористат тековни ефективни стратегии за превенција, скрининг и третман на рак. Друга цел е да се најдат третмани што ќе имаат помали несакани дејства во споредба со стандардната хемо- и радиотерапија. Со правење на овие генетски тестови на канцерни и нормални клетки, докторите сега и во иднина ќе можат да скројат посебен, оптимален третман за секој пациент.

Моментално постојат три главни пристапи во третманот на канцер: хемотерапија, целна терапија и имунотерапија.

Прецизна хемотерапија

Хемотерапијата е едно од најсилните и најстарите оружја во борбата против канцер. Но покрај тоа што хемотерапијата ги убива туморните клетки, таа убива и други клетки во организмот кои што се делат брзо, како што се клетките кои ги сочинуваат желудникот, фоликулите на косата, клетките во коскената срцевина и слично, поради што се јавуваат голем број на несакани дејства. Некои луѓе имаат зголемена генетска предиспозиција за несакани дејства од хемотерапијата и зголемена веројатност за интоксикација. Во анализите за прецизна хемотерапија се тестираат лековите tamoxifen, capecitabine, fluorouracil, tegafur, cisplatin, како и пиримидинските аналози.

  • Како се одвива целата процедура?
    Преку обично земање венска крв се тестира генетската предиспозиција на пациентите за токсичнсот и несакани дејства на хемотерапијата. После добивање на генетските информации онкологот може да се раководи според нив.

Целна/таргетирана терапија

Генетската информација може да послужи за скројување на терапија која ќе се базира на уникатните молекуларни карактеристики на еден тумор. Со други зборови – секое туморно ткиво си има свој сопствен и уникатен „молекуларен профил“ којшто може да послужи при воспоставувањето на дијагнозата и одредувањето на терапијата.

  • Како се одвива целата процедура?
    Со биопсија се зема примерок од туморното ткиво, истиот се секвенционира (генетски се „декодира“) и последователно биоинформатички се анализира со цел да се одреди молекуларниот профил на канцерот. Со други зборови – се открива дали во самото туморно ткиво постои слабост кон којашто може да се цели со одредена терапија. После добивање на генетските информации, онкологот може да се раководи според нив и доколку е можно да препорача целна индивидуализирана терапија за пациентот. Со еден тест се одредуваат SNP-ови и варијации во бројот на копии (CNVs). 

Имунатерапија

Имунотерапија на канцер е еден од најохрабрувачките пристапи во третманот на канцер во изминатите неколку години, кој има за цел да го ре-активира имуниот систем на самиот пациент и да го насочи кон убивање на туморните клетки. Од посебно значење се таканаречените check-point инхибитори како ipilimumab, nivolumab, pembrolizumab, atezolizumab, avelumab и durvalumab.

  • Како се одвива целата процедура?
    Со биопсија се зема примерок од туморното ткиво и истиот се анализира за присуство на микросателитна нестабилност (MSI). После добивање на генетските информации, онкологот може да се раководи според нив. Oвој тест може да биде направен заедно со детекција на SNP-ови и CNV-и.